Родовите прашања се релевантни за секој поединец во општеството. Секој од нас има некаков родов идентитет во сржта на својата личност. Овој идентитет влијае врз нашите можности, но и врз пречките со кои се соочуваме во општеството, без разлика дали сме свесни за тоа или не. Родот не е биолошки определен, туку е општествен конструкт за тоа како личноста треба да изгледа, да се однесува, какво однесување ѝ е дозволено, што се очекува од неа, како да одбере занимање, која позиција да ја заземе во одредена организација итн. Општеството обликува различни улоги и норми за мажите и жените, машките и девојчињата, па ова подоцна доведува до разни нееднаквости во повеќе сфери од животот. Наспроти ова, родовата еднаквост значи еднаква видливост, оспособеност, одговорност и учество на двата пола во сите сфери на јавниот и приватниот живот. Значи и овозможување еднаков пристап до ресурси и нивна еднаква распределба меѓу жените и мажите. Конечно, значи прифаќање и подеднакво вреднување на разликите меѓу жените и мажите, како и на нивните поинакви улоги во општеството.